Интервју со Александар Сотироски

Што би можеле да раскажеме за Охрид и за Охридското Езеро, што веќе не е раскажано и напишано?! Поради големиот број цркви и манастири, градот е познат како балкански и европски Ерусалим. Охрид е познат и како „град на светлината“, што е буквален превод на неговото старо име, Лихнид. Според една легенда, запишана од браќата Миладиновци, царот Јустинијан се качил на ридовите на кои лежи градот и гледајќи ја прекрасната околина извикал „ох рид“ (каков убав рид). Оттогаш градот го добил името Охрид, а подоцна станува познат и како „колевка на писменоста“. По секоја посета на градот, секогаш останува нешто невидено што го повикува гостинот на повторна средба со тесните испреплетени улички, охридските бисери, богатото културно наследство, убавината на природата... Охридското Езеро е една од најзначајните природни вредности на овој град. Езерото остава незаборавен впечаток поради бојата на водата, која од изгрејсонце до зајдисонце постојано се менува од маслинесто-зелена до небесно-сина. А, за прочуената бистрина на езерската вода, заслужни се многубројните подводни извори.

Приказните за Охрид и за Охридското Езеро се безбројни, што се доживуваат на автентичен, но различен начин. Ние се одлучивме да раскажеме една приказна што официјално почна во 2007 година, иако нејзините корени се од многу поодамна. Тоа е приказната за хотелот „Royal View“... Како што некогаш царот Јустенијан гледајќи ја прекрасната околина спонтано извикал „каков убав рид“, така и денес, не веруваме дека постои некој што ќе се воздржи да не извика „каков кралски поглед“, доживувајќи ја убавината на Охрид, погледот кон античкиот стар град, живописните планински врвови и бисерното Охридско Езеро од балконот на „Royal View“.

Александар Сотироски ни ја раскажа приказната за неговото семејство, кое живеело и работело во Австралија, а потоа се вратиле во Македонија и сè што имале заработено, инвестирале во тој хотел.

 

Кога носталгијата ќе се разбуди

Александар е роден на почетокот од  80-тите години во Австралија. Завршил средно угостителско образование, технички насока, а во 2004 година дипломира на факултетот ECU (Edith Cowan University) во Австралија, на „Комуникациски студии по интерактивни мултимедијални дисциплини и професионална фотографија“. Освен тоа, тој го има и сертификатот TEFL/TESOL, што претставува меѓународна диплома по англиски јазик, еднаква на универзалната квалификација за предавач по англиски јазик.

 

 

Неговата работна биографија почнува со првиот ангажман на 10-годишна возраст во охридската „Тостерница М“, а продолжува во повеќе области. Александар има работено во „Action Markets“ во главниот град на Западна Австралија – Перт, како фриленсер за 3Д-моделирање и анимација, во училиштето за јазици МЕК во Шизуока, Јапонија. И секако, во семејниот хотел „Royal View“. Хоби му е возење велосипед (рекреативно/планински), гејминг (претежно симулации и возење рели) и учење електроника (DIY проекти). Тој е сопруг и татко на Нестор и Елиана.

Тешко се раскажува семејната приказна накратко, кога има толку многу да се каже, но ќе се потрудам. Мојот татко, Сотир, на  17 години заминува како иселеник во Австралија. По 4 години, при една од посетите на Македонија, се вљубува и ја зема и нашата мајка, Елица, во Австралија. Да, навистина звучи како во романите што ги читаме... Тие делат заеднички живот веќе 46 години и сè уште се заљубени како и првиот ден, но сега таа нивна љубов е побогата за уште 6 внуци, го почнуваме разговорот со Александар.

 

Сотир, кој по струка е столар, долги години работел во една од најголемите градежни фирми во Западна Австралија во тоа време, додека Елица работела како помошник-готвач за истата фирма. Подоцна сопружниците Сотироски решиле да почнат неколку приватни бизниси, вклучувајќи седум видеотеки во различни градови во Западна Австралија. Во меѓувреме се раѓаат трите деца:  Весна, Фанче и Александар.

Во 80-тите години отвораат и приватен ресторан, кој работи на принципот самопослужување во Брум, туристички град во Западна Австралија. Брум е познат по најголемите фарми за одгледување бисери од школки, но и по една од најатрактивните плажи со бел песок на Индискиот Океан – „Кејбл бич“ (Cable Beach).

По години поминати во Австралија и по многуте посети на родниот крај, сепак кај нашите родители се буди носталгијата и одлучуваат да се вратиме и да  продолжиме со нашите животи во Охрид, раскажува Александар.

 

 

Трансформацијата низ годините

По враќањето во Охрид, Сотироски отвориле неколку помали бизниси – киоск, туристичка агенција... Од денешна перспектива, Александар може да заклучи дека всушност, целиот живот семејството орбитирало околу туризмот и угостителството и најверојатно биле водени од природната интуиција за овој вид бизнис.

Уште од времето кога живееше во Австралија, татко ми  имаше желба да купи локација покрај езерото. И беше упорен во потрагата... Во 1992 година му се оствари желбата да најдеме локација, на која се наоѓа сегашниот хотел. Тоа беше една турска куќа, стара околу 300 години, но, за жал, во многу лоша состојба. Сепак куќата имаше многу голем потенцијал – голем двор, многу зеленило и атрактивна локација, се сеќава Александар.

Како човек што целиот живот работел макотрпно, Сотир сакал неговите работни навики да ги пренесе и на децата. Поттикнат од тоа, решил да отвори еден мал бизнис –„Тостерница“. Тоа било продавница за продавање тостови и сладолед, каде што Александар (10 години) и Фанче (12,5 години) работејќи го поминувале летниот распуст, наместо да одат на плажа.

Произведувавме италијански сладолед џелато според оригинален рецепт што татко ми го купи од Италија, со природни состојки: млеко, јајца, шеќер, ореви, лешници, суво овошје, печено кафе и сл. Освен стандардните вкусови, правевме и сладолед без шеќер, погоден за дијабетичари.

Во 1995 година Сотироски го отвараат семејниот ресторан „Ројал“. Иако Охрид има долга историја со туризам, во тие години градот сè повеќе го посетуваат не само локални гости од цела Македонија, туку стануваат сè побројни и странските туристи. По неколку години работа со ресторанот, во семејството се јавува и идеја еден ден да се направи еден голем комплекс, хотел на истата локација. Урбанизацијата на тој дел од Охрид и на целиот кеј била строго забранета сè до 2005 година, кога Сотироски ја добиле дозволата за изградба на сегашниот хотел.

 

 

Хотелот е отворен две години подоцна, на 8 август 2007 година.

Пред отварањето на хотелот  една вечер имавме семеен состанок и разговаравме на тема како да го крстиме, затоа што сметавме дека „сè е во името“, односно дека тоа треба да испрати силна порака. Бевме децидни дека задолжително ќе го користиме старото име на ресторанот, но токму таа година се појавија уште неколку објекти со тоа име, па не сакавме да даваме дополнителни информации точно за кој „Ројал“ станува збор. Во тој разговор, заедно одлучивме дека идентитетот ќе се заснова на локацијата и на тоа што го нуди, а тоа беше нормално, најубавиот поглед. Така, „кралскиот поглед“ стана „Royal View“. Секогаш ќе се сеќавам на разговорот со првичните сопственици на плацот, кога рекоа: Ние не ви продаваме куќа и земја, туку ви ги продаваме воздухот и погледот, раскажува Александар.

„Royal View“ се наоѓа на брегот на Охридското Езеро, на 5 минути до чаршијата и до Охридското кале, како и на 5 минути до првата плажа во спротивна насока. Хотелот располага со 42 соби (33 двокреветни соби, 3 фамилијарни соби и 6 апартмани). Во рамките на хотелот, има А-ла карт ресторан со вкупен капацитет за 100 гости, вклучувајќи ја и терасата. Освен тоа, од пред 2 години работи и „Steve’s Coffee House“ – уникатен концепт, кој се концентрира на квалитетно и иновативно приготвено кафе, како и избор од ладни колачи, торти и салати. Од другите содржини, во хотелот има спа-центар и конференциска сала со капацитет за 50 луѓе.

 

 

Енергетската ефикасност е високо на агендата на хотелот. Според Александар, тоа е актуелна тема низ целиот свет, особено ако се земе предвид дека обновливата енергија е иднината во речиси сите бизниси во оваа гранка.

Би рекол дека најголем дел од инвестициите ги имаме направено во овој сегмент. Користиме комбинација од најсовремени хидротермални системи, кои засега се покажаа како најголеми заштедувачи на енергија за производство на топла вода, и фарма од повеќе од 30 соларни панели. Во летниот период истата ладна вода што ја користиме за греење, се користи како пасивно водено ладење на целиот хотел, додека вишокот вода се користи за ладилниците за одржување на храната во коморите. Имајќи предвид дека Охрид има повеќе од 200 сончеви денови годишно, имаме две централи за производство на електрична енергија, кои задоволуваат околу 80 отсто од потрошувачката во текот на сончевиот период и 100 отсто искористеност во електричната мрежа, ни објаснува Александар.

Тој додава дека целта им е максимално да ги искористат сите природни ресурси што ги имаат на располагање, а се надева дека во иднина ќе можат да ги искористат и уште повеќе. Затоа што, како што вели, технологијата многу брзо се менува и системите стануваат сè „попаметни“. Александар открива дека тоа би била и нивната следна инвестиција.

 

Во семејството на Balkan Prime Tours

Семејството Сотироски се знаат и соработуваат со Влатко толку долго време, што Александар признава дека повеќе не се ни сеќава на првата средба.

Влатко е еден од нашите најстари соработници и тоа уште од времето кога оперираше под називот Macedonia Viaggio. Сè уште е така мемориран во именикот на мојот телефон... Сигурен сум дека  Влатко памети точно која година беше почетокот на нашата соработка, вели Александар.

Според него, за успехот на секоја фирма е заслужен човекот со кој соработувате.

Семејните бизниси се токму тоа како што е и напишано – семејни. Затоа, и соработниците со кои работиме ги вклучуваме како дел од нашето пошироко семејство. Доколку не постојат хармонија и разбирање, во тој случај нема ни долгорочна соработка. Фактот што со Влатко соработуваме толку многу години, кажува и зошто е тоа така, истакнува нашиот соговорник.

Го прашавме која е главната сатисфакција што Сотироски ја добиваат генерално од посетите на странските туристи, а која од соработката со Balkan Prime Tours.

Ние сме угостители, тоа ни е во крвта. Без разлика дали се работи за странски или за домашни гости, уживаме во тоа што го правиме. Уживаме да бидиме дел од тоа искуство што гостите ќе го паметат. Секоја група е ново искуство, ново познанство и нема подобро нешто од тоа да испратиме гостите со насмевка на лицата, која покажува дека уживале во нашиот град, нашата држава, нашата култура, храна и во гостопримството, вели Александар.

 

 

Хотел со душа

Според Александар, туризмот се менува и според некои непишани правила, има драстични промени на трендовите и технологиите на секои пет години.

Може да замислите колку многу е променето само со модерните паметни телефони? Повеќе нема потреба од печатени карти од градот, ги имате речиси сите информации за најпознатите 5 или 10 места што мора да ги посетите во некој град, информации за превозот, менија, ресторани итн. Нашиот објект е од 2007 година, па како за споредба, би рекол дека типот на гости во него се промени – бројот на локални и гости од соседните земји е сведен на минимум, а доминираат странските гости од Централна Европа.

Сепак тој признава дека и покрај тоа што сè се менува, колку и да е напредна технологијата, сепак гостите веруваат повеќе во препораките. На крајот на краиштата, технологијата во угостителството никогаш нема да го  „замени“  човечкиот фактор.

Покрај локацијата како главен адут, Александар како конкурентска предност на „Royal View“ ја истакнува и семејната природа на бизнисот.

Мислам дека предноста што ја имаме е во суштината на нашиот хотел – тоа е семеен бизнис, основан врз морални вредности и принципи што се рефлектираат во секојдневната работа.  Во една пригода, добивме многу убав коментар од гостин, кој на многу убав начин кажа: Вашиот хотел има душа. Токму тоа е нешто што не се постигнува со пари, туку со посветеност и секојдневно вложување. „Royal View“ е нашето дете и нашата професија, максимално се вложуваме за нашите гости да се чувствуваат „како дома“, истакнува тој.

Го прашавме од денешна перспектива, кој момент би го нагласил како пресврт во приказната на Сотироски, која е најзначајната одлука што ја имаат донесено во работењето, на што Александар одговори: Многу добро се сеќавам на моментот кога бев во Јапонија и на телефонскиот разговор со татко ми. Тој ми рече: Ќе добиеме дозвола за изградба на хотелот, но нема да почнеме да градиме доколку не сме сите заедно.