Враќање кон природата – живот во селски куќи изградени од природни материјали - Волонтуризам

Јануари ќе го заокружиме со една моќна приказна за Борче и Симона кои своите студии ги завршуваат во Скопје, но желбата да инвестираат во село, што можеби и во иднина ќе се развива во еко туристичка дестинација, била посилна од се.

 

 

Во Македонија има едно затскриено село Стар Истевник. Ова мало  село се наоѓа на дваесетина километри од градот Делчево, во прекрасната област Пијанец која изобилува со природа. Тивко и мирно селце, кое започнало да привлекува многу млади, со доаѓањето на Борче и Симона овде.

 

 

Тие се млад брачен пар, кој во годините наназад се одлучиле да инвестираат во нешто необично и несекојдневно. Тоа е стара семејна куќа која е изградена исклучиво од природни материјали.

Како и најголемиот дел од селата во Македонија, и Стар Истевник се соочува со наглата миграција кон градовите.

Нивната куќа е изработена од рачно подготвени материјали како земја, песок, вар и слама. Ова се природни и локални материјали.

Во рестраврација на домот неодамна се придружија и доста млади волонтери дојдени од Шпанија, Франција и Словенија се со цел да се запознаат со начинот на кој била изградена ова куќа.

 

 

Приказната не би била комплетна, доколку дворот на куќата не биде насаден со многубројни локални еколошки плодови, кои растат на ова поднебје. Еколошката градба само се надополнува со органско производство на храна.

Борче и Симона велат дека она што најмногу ги привлекува кон селото е огромниот избор на активности во природа. Потенцијалот што го нуди природата и слободата се шанса за нова авантура секој ден. По две години, тие велат дека се навистина горди на она што го постигнале.

Нивната цел е да ја задржат традицијата и да го раскажат знаењето кое го има локалното население во Пијанечкиот регион. Селата овде за нив се вистинскиот потенцијал за развивање на еко туризмот.

Чистата планинска вода за пиење и чистиот воздух се најважните приоритети. Неодамна основале и еко- центар именуван како „Природна перспектива“ кој има за цел да го промовира она што го нуди регионот.

Селото Стар Истевник е ридско, на надморска височина од 800 метри. Одлично место за уживање во летните но и во зимските денови. Борче и Симона се луѓе кои очекуваат туристи од сите краишта. Се надеваат дека интересот кај турисите да го проучат начинот на изградба на ова куќа, да дегустираат локална органска храна и да уживаат во звуците на тишина ќе ги примамат да го посетат нивниот дом.