Странските туристи велат дека Македонија навистина е медена земја

Време е да почнеме да размислуваме околу пролетните патувања. Многу наскоро ќе се пробуди животионскиот свет во Македонија, а со тоа се пробудува и нашата желба за активно патување. Во наредниот период ќе ве запознаеме со предели во Македонија кои се идеални да се посетат на пролет и во лето.

Запознајте се со Благоја Јовчевски кој својот живот го посветил на пчеларството и развил прекрасна приказна која инспирира многу странски туристи. Неговиот пчеларник се наоѓа во Дихово, планинско еколошко село на Пелистер.

 

 

Благоја вели дека во 2014-та година започнуваат да развиваат „Апитуризам“ во Македонија. Тој вели дека ова е првиот пчеларник во Македонија кој нуди апи услуги. Веќе во 2016-тата година ја отвараат првата апикомора, каде гостите можат да го почувствуваат мирисот на пчелите.

Извонредната локација е таа што му дава предност на овој пчеларник.Самата местоположба на селото Дихово нуди здрав живот во чиста животна средина. Во моментот тие поседуваат преку 400 пчелни семејства кои се распоредени по падините на Баба Планина.

 

 

Пчеларникот е опкружен со овошни насади од малини, јагоди, цреши, вишни, јаболка, круши и така натаму.

Најголемиот број на гости се странските туристи, кои се присутни од април до септември. По секоја презентација, Благој вели дека следува фотографирање на туристите со отворена кошница, дегустација на мед директно од рамката на кошницата, облекување во пчелрска опрема и многу други работи.

 

 Нацо Јовчевски во БН пчеларник

 

Странските туристи се воодушевени од целото место, вели Благоја. Тие коментираат дека од своите станови на 20-ти спрат гледат само облаци, а ова овде во Дихово за нив е вистински рај на земјата.

По едночасовното предавање и обука за животот на пчелите и процесот на производство на мед, гостите може да набават разни производи во соодветни амбалажи. Благој вели дека најмногу се бара шумскиот и ливадскиот мед, како и матичниот млеч.

 

 

Во зависност од тоа кој период ќе го посетите пчеларникот, може да учествувате во процесот на цедење мед, собирање полен, производство на матичен млеч, како и припрема на опрема со изработка на рамки. Покрај презантацијата за пчеларство (животот на пчелите и значењето на пчелите) посетителите имаат час по апитерапија, а во летниот период и селски ручек во селски двор во Дихово, со вкусни медени специјалитети. 

 

 

Пелистер е идеално место за мир и благосостојба на пчелите. Нема загадување, нема вознемирување на пчелите и од сите страни има пчелни пасишта и неброени количини цветен нектар. Врвот Пелистер и неговиот пелистерски ветер е многу заслужен за идеалната водушна бања.