СОЗДАДОВМЕ АВТЕНТИЧНО ВИНСКО ТУРИСТИЧКО ДОЖИВУВАЊЕ ВО РАДОВИШКИОТ КРАЈ!

Желбата на Влатко Сулев да понуди автентично искуство за странските туристи во источниот дел од земјава, или пак да организира интересен компаниски тим билдинг, го донесе во винарницата „Кукутанов“. Заедно со Ѓорѓи Кукутанов, нејзиниот сопственик, создаваат уникатна можност за уживање на странските, но и домашните туристи, секако, во природните убавини радовишкиот крај, локалните специјалитети, како и во дегустацијата на квалитетни македонски вина.

 

 

Неретко велиме дека ако е нешто добро и квалитетно, сигурно ќе го најде патот кон успехот. Дека ако работиме со страст и љубов, го вложуваме целото свое знаење и искуство, нема ограничувања. Сето ова како и приврзаноста кон Радовиш е врзувачката точка помеѓу Влатко Сулев, оперативен директор на Балкан Прајм Турс (Balkan Prime Tour) и Ѓорѓи Кукутанов сопственик на винарницата „Кукутанов“.

Првиот секогаш во потрага по автентични туристички доживувања кои сака да ги понуди на своите клиенти, вториот со желба да произведе што е можно поквалитетно и поприродно македонско вино. Заедничко за двајцата е амбицијата, желбата за унапредување,  иновативноста во работењето.

 

 

Источна Македонија е неоткриен бисер

А токму желбата на Влатко Сулев да понуди автентично искуство за странските туристи во источниот дел од земјава, или пак да организира интересен компаниски тим билдинг, го донесе во винарницата „Кукутанов“.

“Развивме концепт и програма за посета на Радовиш што вклучува планинарска тура на Плачковица во (недопрена букова и) дабова шума, прошетка покрај езерото Мантово, дегустација на вино во винарницата ‘Кукутанов’, со можност да се види како на традиционален начин се произведува вино, да се вкуси природен радовишки мед, сирење, ајвар… Во дворот на винарницата има фурна на дрва каде може да се присуствува на часови по готвење и подготовка на радовишки сомун (пастрмајлија), на традиционална баница и многу повеќе, и сето тоа во придружба на непосредните организатори од Балкан Прајм Турс, кои секогаш имаат интересни локални приказни… ќе се согласите звучи интересно!” вели  Сулев.

 

 

Источна Македонија е неоткриен бисер. Треба само да се истражува, додава Влатко, експерт за туризам, генерален менаџер на Балкан Прајм Турс и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) кој сака да ја промени сликата за туризмот како гранка во Македонија. Според него тоа е најчистиот и најдобриот бизнис што може да придонесе за развој на претприемништвото во земјава, да ги поттикне младите да останат дома и да развиваат сопствен бизнис, да ја промовираат Македонија во најубавото можно светло.

Според него странските туристи  сакаат автентични доживувања, искреност и оригиналност.

„Од локалното население не очекуваат глума или преправање, не очекуваат да бидат нешто што не се. Сакаат обични работи, лични доживувања и тоа знаат да го ценат. Сакаат свежа, убава и оригинална храна приготвена на традиционален начин, сакаат да ги посетат македонските винарници, да видат изворно како се произведува вино, како се произведува сирење… уникатно туристичко искуство. Сакаат нешто што го немаат во нивните матични земји. Тие не преферираат луксузни хотели и ресторани, туку автентично семејно доживување.“

 

 

Автентична винска приказна

Затоа Влатко заедно со радовишката винарница „Кукутанов“ создаваат една нова и уникатна  туристичка понуда, која вклучува и интересна винска приказна. Во моментов од „Кукутанов“  излегува добро познатото Шардоне, потоа уникатното Розе, добиено од автохтоната сорта на грозје Радовишка (Ж’та) прачка, како и елегантното Мерло „зачинето“ со радовишки тероар, сите вина наменети за страсните љубители на виното. Кога странците ќе ги пробаат овие вина, изненадени се од нивниот природен и чист вкус, како и од нивниот раскошен мирис, кој никого не остава рамнодушен.

“Кукутанов е семејна винарница со почетен капацитет од 30.000 шишиња годишно, која е секогаш отворена за туристичките групи, од земјава или странство кои сакаат организирана винска претстава (посета). Да дегустираат, да дискутираат и подетално да се запознаат за самиот вински процес. Нашето вино е различно, а во комбинација со радовишка храна, резултатите се неверојатни. Радовишани се добри домаќини. Гостите не мора да одат некаде далеку за да доживеат искуство што ќе им го промени животот. Доволно е да дојдат тука“, вели Ѓорѓи Кукутанов сопственик на винарницата.

 

 

Мисијата на Балкан Прајм Турс е да открива  нови убавини во нашата земја и на тој начин да придонесе кон развој на туризмот.

„Да создаде трајни вредности и туристички содржини кои во иднина ќе нè радуваат, исполнуваат и на кои сите ние ќе бидеме горди. Да креира незаборавни доживувања кои ќе се прераскажуваат. Токму затоа во агенцијата обрнуваме внимание на секој детаљ. Последниве месеци сме фокусирани на тим билдинг турите низ земјава кои се навистина креативни, а импресиите од нив се фантастични.“, вели Влатко Сулев од Балкан Прајм Турс.

 

Текстот е преземен од Капитал.мк.