Платон уметноста ја дефинира како имитација на стварноста. Ако се согласиме со таа дефиниција, тогаш фотографијата добива врвно место меѓу уметностите, бидејќи таа најдиректно ја копира реалноста. Сите други облици на уметноста во помала или во поголема мера ја менуваат стварноста и не можат да се сведат на моментот. Фотографијата овозможува траење на моментот низ времето, при што не се губи ништо од неговата суштина и не се одзема ништо од неговата минливост. Моментот станува статичен само во просторот. А, кога веќе еднаш го добил своето место во просторот, тој трае низ времето...
Душко Ѓоргон е хроничар и фотограф на Струга, локален херој и жива енциклопедија. Тој е официјален фотограф на Струшките вечери на поезијата од почетоците во 1962 година, па сè до 2011 година. Неговиот дом-атеље внимателно ја чува историјата и „замрзнатите“ моменти од оваа најголема македонска поетска манифестација, која ја прослави Струга низ целиот свет. Како Струга нема друга, се стихови опеани во македонските евергрини, но и моменти овековечени од објективот на нашиот соговорник.
Неизбришани слики и спомени
Роден сум во 1940 година, за време на Втората светска војна. На 24 јуни правев полни 79 години и влегов во 80-та. Веќе велам дека имам 80 години, го почнуваме разговорот со Душко.
До три години тој живеел во оваа куќа, која била куќа на неговиот дедо (татко на мајка му), а и сега живее тука со своето семејство веќе 40 години, откако ја купил од вујкото. Најголемиот дел од детството и младоста ги поминал во куќата што ја нарекува стара дома, од другата страна на Дрим, на 200 метри од народниот музеј „Др. Никола Незлобински“.
Го прашавме која е најраната слика од детството на која се сеќава, сликата што останала длабоко врежана во сеќавањето.
Бев 4-5 години. Карши куќата наша, кај Соколана (стара Стружанка) беа стационирани Италијанците во војната. Имаше и Германци, но во помал број. Италијанците беа повеќе, се сеќава Душко. Јас дете, и како и секое дете, одев и љубопитно ги гледав чичковците во униформи. Тие ќе ми речеа да им донесам пајнца или тенџерче за да ми дадат од нивната храна. Ризото, или како и да го викаа... Нешто како палентата што ја правиме ние... Ќе ми го наполнеа садот и јас со трчање одам дома да јадам. Секое дете, секој го сака, па и тие ме сакаа мене, без разлика што беа окупатори.
Во стационарот на улицата имало куп капи, блузи, панталони, ремени и други работи. Се случувало повозрасните другари, кои имале 7-8 години, да му кажат: Душко оваа капа да ја земеш и да ми ја донесеш. Знаеле дека и ќотек може да изеде ако го фатат.
Чекав стражарот да се оддалечи за да се доближам до купот капи, да земам една и со трчање преку патот да му ја дадам на Климе, сега покоен, а тој низ сокачињата мали ќе побегнеше. Подоцна цел живот го задевав кога ќе се сретневме. Го прашував кога ќе ми потпише боречка пензија за моите „воени“ потфати, а тој се смееше...
Еднаш дури успеале и пиштол да украдат од шоферот, Германец, додека тој ја поправал гумата.
Тоа беа случките во тие години, тоа го паметам, друго не знам. Чудна работа, колку човек памти повеќе од детството, отколку на пример, од денеска за утре некои работи. Тоа се тие спомени длабоко останати и не се бришат, секогаш се тука..., со насмевка раскажува Душко.
Доаѓаме до моментот на првата средба на нашиот херој со фотографијата. До Митко Добревски и Ставре Попов...
Бев член на Народна техника, како спортист на кајак. Таа групација во Струга беше многу развиена. Веќе бев 9 години и можев да управувам со кајак. Постојано бев присутен, правевме макети, мали едрилици, кајаци... Еден ден, тој Митко Добрески, кој беше како старешина на Народна техника, ми вика: Момче дојди да ти покажам нешто. Влеговме во просторијата и затемневме малу. Тој го зеде прашокот, хемијата за да направи развивач, состав за фотографијата. Сè измеша во едно шишенце. Едно, две, тие беа петкомпонентни за да излезе сликата, да се развие. И ги измеша. Тогаш немаше апарати за зголемување, за поголеми слики, туку само директна копија. Ми покажува како се става негативот, како се става хартијата, како се експонира светло... Првпат во живот видов како се прави слика, фотографија. Многу ми беше интересно и го гледам човекот не како старешина, туку како пријател, кој сака нешто да ми пренесе. Да ми помогне во животот да стекнам сознание за нешто. Тоа беше некаде 1949/50 година.
Годините си врвеле... Дошло време кога Душко завршил осмолетка. Неговите другари од генерација оделе кој на школување, кој на занает – да учат производство... Сите се распоредиле. Тој сакал да биде тишлер, ем да зајакне малку во мускулите, но и петмина од другарите биле примени во таа задруга.
Отидовме кај директорот со татко ми Михаило. Нè прими и веднаш почна да се жали дека сите таму се „забушанти“, се кријат и не сакаат да носат талпи... Нормално, таму им се потребни послушници. И директорот му кажа на татко ми дека не може да ме прими, затоа што уште не може да се снајде со новите. Татко ми го преколнуваше: Те молам, уште моево дете..., но тој беше одлучен.
Додека молчешкум и со наведнати глави се враќале од тишлерската задруга, тажни дека не успеале, одеднаш, на една раскрсница, Михајло го запрел сина си и го прашал: Дан сакаш сликар да бидиш? Душко, кој отсекогаш сакал да црта коцки и различни шари во тетратката и веќе еднаш видел како се прават сликите, срамежливо се насмевнал и одговорил: Зошто да не? Важи, тато, сакам!
Мајсторот Ставре Попов веднаш го прифатил.
Не можеше да го одбие татко ми, оти малку бевме роднини. Не баш малку, туку сериозно... Така, во 1953 година станав чирак, и тоа вистински – да служам и да бидам послушен. Без разлика дали е за фотографија или за помош на семејството на Ставрета. Три години бев чирак, а потоа станав калфа. Во времето додека бев калфа, почина мајсторот. Струга остана без фотограф. Од Општината дадоа средства да се направи нешто како претпријатие, како што на времето во Скопје беше „Градско фото“. Така се направи и во Струга. Се собравме четворица. Од таму, каде работев за плата, имам две и пол години стаж. Потоа заминав во војска. По отслужувањето на воениот рок во Смедеревска Паланка, Шумадија, не ме примија назад. Ајде, си викам, да прошетам до Охрид и да побарам работа. Секаде каде што се понудив, бев добредојден.
Во тоа време еден колега-фотограф почнал да го убедува Душко самиот да си отвори дуќан. Најпрвин, тој бил уплашен од висината на данокот што ќе треба да го плаќа, но наскоро решил да го прифати и тој предизвик. Во 1963 година го отворил дуќанот кај стара дома, каде на катот направил ателје.
Многу сериозно си го сакав занаетот. Кога почнав, немав свои сопствени апарати, ги позајмував од пријатели. Еден другар мој и еден пријател што беше воено лице во Египет ми дадоа апарати, со нивните работев. А, работа имаше многу... Ги сликав љуѓето за лични карти, пасоши и други документи, доаѓаа портрети да им правам, сликав зетови и невести... Дојдоа и репортажите. Во летната сезона одев по плажа, правев слики и им ги носев. На зима во секоја институција одев да ги сликам работниците на машина... Сликав љуѓе по чаршија. Се прошири работава, одеше убаво, почнав добро да печалам. Се заљубив во професијата и бев трудољубив, давав максимално сè од себе. Ако не ми се допаѓаше фотографијата, одново ја правев, за да го достигнам посакуваниот квалитет. И друго многу важно, земав материјали од најскапите – германски, италијански. Многу ми помогнаа тие поскапи материјали, но поскапото ми се исплати.
Моментите траат засекогаш
Првите Струшки вечери на поезијата се одржаа 24 август 1962 година... Го прашавме Душко како дојде до тоа токму тој да биде фотограф на првите Струшки вечери на поезијата, дали некој го поканил, дали било на негова иницијатива...
И тој почна:
Инспирација на Струшките вечери на поезијата беа браќата Миладиновци од Струга, кои послаа писменост, дадоа за сите... Љуѓето беа и по Европа и по светот... Почна Владо Малески, стружанец, поет и песнопеец, се приклучија и Гане Тодоровски, Анте Попоски... и се стори дружба од поетски наши великани. Тоа беше пред 1962 година. Во еден момент, тие се договорија да ги крстат Струшки вечери на поезијата. И така сè почна, малку срамежливо, а излезе вистина. Ние многу бевме горди со таа манифестација што се одржуваше во Струга. Цел град станува на нозе, да помогне... Кога се проширија Струшките вечери, само два збора да им кажеше директорот на гимназијата, сите трчаа и придонесуваа. Кој како можеше – да се однесат столови, да се намести ова-она... сите бевме спремни да помогнеме. Тоа беше празник за сите нас. Сите претпријатија, фабрики и институции даваа придонес за да може да заживее манифестацијата, да може да се афирмира. Од срамежливите почетоци, полека, полека, станавме светска манифестација. Нема држава во светот што не била поканета на Струшките вечери. Како што идеа годините, се раѓаа и нови идеи, како да се постапи, како да се оди напред...
На првите средби Душко отишол од љубопитност, срамежливо само да слика неколку пати. Го забележале новинарите од Скопје што го следеле настанот и го замолиле: Те молам, сликај ми го овој и оној поет. Така, полека, полека почнал и официјалниот ангажман во организацијата:
Сите ги гледав како пријатни, богати љуѓе во душа, кои ме прифатија и секоја година почнаа да ми велат дека имаат потреба од мене. Одев и ги следев тие Струшки вечери. Им станав пријател, а и од нив добив пријателство. Не постоеја генерациски разлики, како помладо момче, бев прифатен, со сакање и со волја. За тоа многу сум им благодарам и денес. Многу се дружевме, од цела Југославија. Тоа беше дружење што не може да се опише.
Следната година доаѓале истите пријатели од Југославија и барале да се видат со колегите. Ќе кажеле: Душко сликај! Фотографу, сликај! Од лани имаме фотографија, но сега сликај нова! Така, фотографот Душко станал популарен меѓу колегите-уметници. Отворил и тезга. Како што ги сликал, по ручекот или утредента ги носел фотографиите на тезга. И љуѓето си одбирале. Купувале квалитет, неверојатно убав.
По две години, на нашиот херој му текнало да им прави портрети на сите поети.
Тие не ни знаеја дека ги сликам. Ќе најдам некој агол, од лево од десно... А, кога ќе ја видеа сликата на тезга, сопствениот портрет или во друштво, башка со колегите..., нивната радост немаше крај. Еден поет од Крушево, ме подучи да ставам печат на задната страна од фотографиите. Ми вели: Сите ги користиме овие фотографии и портрети во книгите што ги издаваме. Тој ми даде идеја. На почетокот, малку ми беше срам, но потоа почнав гордо да ги клавам печатите.
Како добар домаќин, Душко секоја година добронамерно ги поздравувал со: Добредојдовте во Струга, во нашата и ваша Струга! Едноставно, тоа чувствувал да им го каже, за да се почувствуваат дека се цени нивното доаѓање, дека тука имаат вредност. Освен сликањето, неизбежно било и пиењето кафе и некоја друга пијачка заедно. На тој начин, поголемиот дел од поетите на Душко му станале и блиски пријатели.
Имал Рено 4, светло сива боја. Во тоа време во Охрид и во Струга имало само три такви автомобили. Во него возел по четири-пет девојки, средношколки облечени во носии, кои со цвеќе ги пречекувале поетите на аеродром:
Ќе се облечеа во носии, а носиите во Струга и во Струшко ни се многу богати. Со букети цвеќе одевме на аеродромот. Тоа не беше само службен пречек, туку и пречек полн со топлина.
Моментите овековечени во фотографии се безбројни. Годишно, тој сликал по 1.200-1.300 негативи. Не знае точен број на фотографии, а и не памети броеви, само ликови, спомени и безброј сеќавања.
За бројот на фотографии што сум ги направил не знам, не се снаоѓам добро со бројките, ги има повеќе десетици илјади. Нешто задржав, нешто љуѓето си зедоа.
Но, негативите сите ги чува, наместени по години.
Го прашавме Душко едно неблагодарно прашање – кој момент и кој лауреат му оставил најголем впечаток.
Сите што беа одбрани за Златен венец, сите во себе носеа голем квалитет. Многу квалитетни и силни поети дојдоа... Ќе го спомнам ирскиот нобеловец Шејмас Хини, кој во 2001 година го доби „Златниот венец“. Тој таа година беше многу зафатен и не можеше да дојде. И препорача кралски поет од Англија да биде учесник. Го предложи него, го прифатија и дојде човеков од Англија.
Сите учесници на Струшките вечери биле многу внимателни и сакале да имаат средби со локалните жители.
Ќе ја споменам покојната Десанка Максимовиќ. Таа заслужуваше многу повеќе од „Златен венец“. Беше како мајка на сите, така беше поставена. Млади љуѓе одеа и сакаа да имаат слика со неа, а јас ги сликав. Со голема топлина се однесуваше кон сите. Таа е незаменлива... Италијанецот Едоардо Сангвинети беше посебна приказна. Професор на факултет и врвен поет. Тој дојде во дуќан, а јас имав изложено слики од претходните лауреати. Човекот ги разгледуваше и му беше пријатно. Многу едноставен човек... За кој друг да кажам... За Романецот, Никита Станеску. Еден крупен човек. Квалитетен. Новинари од Романија дојдоа специјално за него да го следат. Имаше вредност и харизма да се поздрави со секого, да се запознае...
Кога љубовта ќе затропа
Во 42 година од животот на нашиот јунак, се појавува тета Лиле, невестата од Свети Николе.
Тета Лиле е посебна приказна... Наполнив 42 години. Не брзав да се женам, сакав најпрвин да имам куќа... Еден ден Марче, другар од Охрид, ми вика ајде дојди да видиш дали ќе ја бендисаш. А, таа Лиле, дојдена од Свети Николе преку синдикатот на фабриката „Снитекс“. Во Охрид отидовме со колата на еден пријател. Мојата не беше со соодветниот број (пар или непар). Семинарот беше во хотел „Палас“. Ја чекавме паузата. Ми ја претставува пријателот Лиле, а тој женет за светиниколка. Се запознаваме. Тие двајцата се тргнаа настрана, а јас останав со Лиле на маса...
На првата средба, Душко бил целиот грозничав, со грип. Средбата поминала со многу шеги и зафрканции.
И така, зафрканции, зафрканции... се разделивме, но со зборовите: Не е грешка пак да се видиме. Лиле прифати. Следниот викенд дојде со убавата другарка Билјана, а јас најдов еден помлад пријател, па се прошетавме заедно до „Изгрев“, до Радожда, секаде каде можеше нешто да се види. Утредента заминаа. На поздравување, си рековме дека не е грешка да фатиме викенд-партија да правиме. И така излезе. После дојде Лиле сама, ја пречекав. И продолжи да доаѓа. Еден ден ѝ велам: Земи си го куферчето и дојди. Ќе те пречекам на станица. И така. Ја пречекавме со вујко ми, тој со Фиатот, јас со Пежото. Со две коли, од почит!. И зедовме два леба, да влезе со леб в куќи, во домот мој. Така се врза работата.
Душко е многу среќен покрај Лиле. Му се погодила многу добра и ги прифатила неговите видувања како треба да се постапи во одредени ситуации. Денес имаат син, ќерка и внуки од двајцата.
Децата се школуваа, им пруживме максимално колку што требаше и колку што можевме. Дури беа во Струга, успешно завршија гимназија, со сите петки. Ги следевме во секој чекор. Постојано бевме во контакт со наставниците и професорите. Често одев во гимназијата за да ги мотивирам професорите да ги активираат децава. Да добијат по заслуга, а не да ги бркам за петки. Ама си заслужија тие, јас сум многу исполнет тука. И синот и ќерката отидоа на факултет и ги завршија успешно. Светлана има завршено Филолошки факултет, италијански и англиски јазик. Никола дипломира во Белград, а потоа стана и доктор по политички науки, многу си ги сака книгата и школото.
Во семејството на Balkan Prime Tours
Токму ќерката Светлана е таа што го мотивира Душко и му ја всади идејата да ги отвори вратите од својот дом и за туристите. Кога таа за првпат му ја претставила идејата, тој како што вели, реагирал најнормално:
Идејата ја прифатив од прва. Претходно многу ми помогнаа и синот и ќерката за ова ателјето што го направив овде. Беа присутни при распоредот на сликите, иако допрва треба да се прават уште некои корекции. Ми направија едно големо задоволство во пензионерските години. Да ми помине животот убаво и пристојно.
Веќе трета година ателјето е отворено за гости. Материјал имало повеќе од доволно, нешто доправиле, а нешто допрва ќе прават.
Ќе го збогатам местово, но со тек на време, ова не се прави брзо. Задоволството е огромно. Љуѓето, туристите што ќе дојдат овдека – ми го исполнуваат животот. Само ми фали јазик што не знам...
Сепак, Душко знае на секој јазик да каже добредојде и довидување. На француски знае да каже седнете. Уште од времето, знае неколку италијански збора...
Моја вина е што не обратив поголемо внимание и што требаше да се ангажирам и да одам на курсеви. Тоа го згрешив. Секој има некои успеси и некои грешки. Мојата грешка е што не знам јазик. Но, на крајот на краиштата, човек без мани е како дрво без гранки.
Првата средба со Влатко била вообичаена:
Тој дојде овдека со Светлана, дали донесоа некои од туристите или како беше... Дојдоа, се запознавме. Благопријатен човекот, обичен како што се вели. Не се однесуваше како старешина, како директор, како што се однесуваат некои, туку најобично. Не глуми нешто посебно. Едноставно, човек со харизма, позитивен. И така остана. А, како да не сакаш таков човек? Не е само Влатко, такви ги има и други, но сè поретко. Се раѓаат надуенковци и со диплома, а дипломата не работи. Треба човек да биде трудољубив, да ја искористи сопствената интелигенција. Едноставно, Влатко е драго примен, најобично, ништо свилено, ништо додадено, но е за пример.
Како изгледа една посета на странскиот турист во светот на Душко? Кои приказни тој им ги раскажува на туристите и како ги води низ овој мозаик од бесконечни моменти? Тој нè прошета низ времето:
Ова е стара Струга од пред 100 години. Има и мои фотографии од пред 20 години. Сите фотографии од Струга не се мои, дел имам правено репродукција на тоа што го сликале претходно. Еве Струга како изгледа панорамски сликана. Ова е хотел „Дрим“, каде што е сега. А, „Гранд“ го викавме како да е којзнае што. Овие се едни мали куќарки, сите се разурнати, се направија нови. Денес Струга во голема мера е променета. Како и сите градови, како и секаде... Се префрламе овдека кај некои портрети, некои доживувања... Овде ја имам Есма Реџепова, кога беше млада. Еве ја групата „Мањифико“ од Скопје, тие беа многу славни во нашите младинските денови. Многу почитувани. Ова е слика од Втората светска војна. Овој ми беше вујко, овој стрико, овој комшија, а овој е од Куманово. Ова слика е направена во Кичево. Ова е носијата од Струга. Прекрасни носии, што имаме носии ние овде во Струга и во Струшко, никаде во Македонија нема. Имам и албуми што имам сликано на културни и спортски настани (фудбал, ракомет, пливање, ватерполо, шах)... Немаше Струга што нема. Еве го и татко ми Михаило. Овој ми беше мајсторот каде што учев занает – Ставре. Овде имам неколку други портрети, од пријатели, од другари... Есма не беше наречена кралица залудно, така ја чувствувавме сите, амбасадорка на Македонија беше... Ова девојка со очила беше прогласена за Мис на струшката плажа. Подоцна беше прогласена и за најубава во цела Југославија. Таа по мајка е од Требеништа, а по татко од Струга...
Ни ги покажа и техниката и апаратите што ги користел низ годините, што во тоа време претставувале вистинска научна фантастика за овие простори.
Во делот посветен на Струшките вечери, има и библиотека, каде што се книгите на лауреатите и на учесниците. Кога доаѓа, на пример, група од Шпанија, тука е книгата од лауреатот Хусто Хорхе Падрон, кој доби Златен венец во 1990 година. По избор на водичот или на лидерот на групата, се избира песна и се чита по некоја строфа на нивниот мајчин јазик. Книгите се на нивниот јазик, преведени на македонски, па дури и на англиски. Овие моменти кај туристите нудат посебно доживување на повеќе од вообичаеното искуство, за што досега семејството Ѓоргон добило многу позитивни реакции. Книгата на импресии е отворена за секого од гостите, а нејзините страници постојано се испишуваат со нови незаборавни и топли моменти.
Тука секогаш е и тета Лиле. Таа на туристите ќе им понуди колаче, сокче, кафе, пијачка... Ќе постави тука една маса и уште една ако е потребно...
Сакаме гостите не само да ја видат изложбата, туку и да се послужат со нешто. Да се почувствуваат дека се прифатени, примени и добредојдени. За тоа е заслужна Лиле, мојата десна рака. Таа е гостопримлив човек, сака љуѓе и ги почитува, секогаш е позитивна. Таа не знае политика и рекла-казала муабети. Се гордеам со неа.
Тоа е катчето на Душко, тоа е неговиот свет.
Што ќе ми е ова сè, ако е само за мене, ако не ме посети некој... другар, пријател, странец... не е важно. Нека видат една историја, едно катче... Каде да се свртиш овде, фотографија...
За крај, го прашавме Душко ако треба да ја претстави денешницата во една фотографија, како би ја насликал или нацртал. Тој ни одговори само кратко: Тоа е деликатно прашање.
Сигурно нешто заборавивме да го прашаме и да (рас)кажеме. Душко има уште многу приказни, само треба почесто да се дружиме со него и да ги слушнеме:
А, кој нема приказни, секој има! Секој еден човек има своја историја, движење со љуѓе и со светот. Мојава приказна нека остане за друг пат да ја надополниме...
Американската фотографка Маргарет Бурк-Вајт рекла: Некогаш моментот ѝ дава значење на фотографијата, а некогаш фотографијата му дава значење на моментот. Во овој случај, важи и првото и второто. Тоа го кажала врвна фотографка што не го ни запознала Душко, а замислете што би кажала за него кога би имала можност да го запознае.